ОСТУ Гостивар со празнична програма по повод Св. Климент Охридски

Гостивар, 7 декември 2023 – Во средното техничко училиште (ОСТУ Гостивар) со пригодна програма се одбележа празникот посветен на Свети Климент Охридски. Учениците и наставниците пред гостите потсетија на значењето и животот на светителот втемелувач на писменоста на македонскиот народ.

На одбележувањето на 8 Декември во ова училиште му се обрнува особено внимание, а тоа го нагласи и заменик директорот Марјан Пачавроски во неговото обраќање пред колегите, учениците и гостите на манифестацијата.

– Св. Климент Охридскиот Чудотворец во меморијата на Македонецот, се пројавува како прв оригинален словенски писател, просветител и втемелувач на писменоста на македонскиот народ. И не само на македонскиот, туку и на сите словенски народи. Затоа, наша должност е да го чуваме и негуваме името на овој наш значаен просветител, затоа што неговите дела се нашиот корен, наша историја, наше свето богатство. Убави се овие денови, кои не сплотуваат со една цел, никогаш да не се заборави минатото, кое ни служи како патоказ за нашата иднина, рече Пачавроски.

Во програмата која подготвија професорките Гордана Страшевска и Верица Ефтоска Илиоска покрај реферат имаше пригоден рецитал, беа прочитани делови од црковните тропари за Св. Климент и неколку поетски творби.Празничната програмата беше дополнета и со настапот на членовите на ГАКУД Браќа Ѓиноски.

 

 

Коментарите се затворени.