Палењето оган на отворено е казниво, постар бањичанец заврши зад решетки

Гостивар, 9 февруари 2024 – Појавата на пожари во полошко е зачестена. Надлежните предупредуваат на опасноста и предупредуваат: лицата кои од невнимание или намерно ќе предизвикаат пожар ќе се соочат со ригорозни затворски казни кои се движат од 6 месеци до 5, односно 8 години.

Повозрасен жител на Долна Бањица Х.Х. (81) вчера завршил во полициска станица со лисици на раце. Тој е осомничен дека претходно запалил оган на неговата нива. Набрзо, огнот почнал да се шири неконтролирано и ја зафатил плевната, сопственост на 71-годишниот Н. Д.

Од СВР Тетово информираат дека се преземени координирани превентивни мерки и засилени контролни активности на поширокото подрачје. Оттаму апелираат до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња и опушоци.

– Покрај ова, на оние кои деновиве ги чистат нивите, им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои неизгаснати брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од поголеми размери, на околни ниви, објекти и слично, посочува Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Тој потсетува и на одговорноста од непочитување на законите: во спротивно тие што од невнимание или намерно ќе предизвикаат пожар ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со соодветни пријави и затворски казни кои се движат од 6 месеци до 5, односно 8 години, зависно од видот на пожарот, околности и крајните последици.

Коментарите се затворени.