ОО СДСМ Гостивар: Грубо кршење на начелото за правична застапеност при последните вработувања во болницата

Гостивар, 12 февруари 2024 – Гостиварските социјалдемократи во последното соопштение до јавноста реагираат на објавените резултати на конкурсот и списокот на новоработените лица, доктори, медицински сестри во гостиварската болница. Од ОО СДСМ Гостивар побараа почитување на законските одредби и повика на одговорност за нивното прекршување.

Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:

 

Со денешната одлука за избор на кандидати за вработување во ЈЗУ Општа болница „д-р Ферид Мурад“ Гостивар, се случи грубо кршење на начелото за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници при вработување во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, согласно Уставот на РСМ и позитивните законски прописи.

Недозволиво е, никаде во Македонија, а особено не во град каков што е Гостивар, кој што е синоним за мултиетничноста и соживотот, да се вработуваат кадри од само една етничка заедница, без притоа да се води грижа за СИТЕ граѓани кои живеат во општината.

Имајќи го во предвид погоре наведеното, го повикуваме директорот на болницата, да ја преиспита одлуката која предизвика бура од реакции и вознемиреност кај граѓаните.

Како одговорна партија, сакаме да ги информираме сите обесправени и одбиени кандидати дека нашите правни тимови им стојат на располагање во процесот за искористување на сите правни механизми за преиспитување или поништување на веќе донесената одлука, се со цел да се обезбеди еднаква шанса за СИТЕ граѓани.

Во нашата држава, НИКОЈ нема право да биде над законот и тоа да остане премолчено. Бараме почитување на уставните и законските одредби и одговорност за нивното прекршување!

Коментарите се затворени.