Министерот Ѓоко Велковски во посета на Центарот за социјална работа и средба со пензионери
Гостивар, 20 март 2024 – Ѓоко Велковски, министерот за труд и социјална политика во техничката Влада при посетата на Гостивар оствари средба со вработените во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Гостивар и членови на здружението на пензионери. Велковски на средбите разговарал за актуелните состојби и предизвиците со кои се соочуваат социјалните работници.
– Вработените во социјалните служби се во постојана комуникација и буквално се борат за да им помогнат на луѓето. Во Гостивар како предизвик го посочија бројот на предмети, бројот на корисници, како и самиот систем на проверка на податоците. Електронскиот систем за нив и натаму е предизвик, затоа работиме на тоа, да им биде полесно во иднина, рече Велковски.
За најавените постапки по откривање на неправилности во доделување на гарантирана минимална помош и социјална пензија, Велковски посочи дека се работи за слабост во системот.
– Ги проверуваме и каде што ќе има потреба потреба, службите ќе постапуваат според закон. Мене ми е навистина жал што системот затаил некаде. Работиме таа слабост брзо да се отстрани и да ја нема во иднина, појасни Велковски.
Тој повтори дека било откриено незаконско исплаќање на социјална парична помош, како и социјална пензија на лица кои не ги исполнуваат условите за тоа. При проверка на податоците било утврдено дека над две илјади лица во земјава поседувале возила, но се нашле во списокот за социјална помош.
Велковски одговорајќи на новинарско прашање за состојбата со зголемениот број на питачи посочи дека во МТСП имало пракса којашто, како што рече се изгубила и ја спроведувале интер-мулти тимови.
– Години наназад за жал ја нема праксата да се интервенира на тој начин. Во Скопје и Гостивар е алармантно, па пративме дописи до МВР да ни посочат лица одговорни од кај нив, бидејќи поради асистенцијата за детектирање на семејствата мора да бидеме во координација со нив и така било многу години наназад. Се надевам дека ќе профункционира, рече Велковски.
Техничкиот министер оствари и средба на покана здружението на пензионери.
Коментарите се затворени.