Убав пример за соработка: Шаховските работници и наставниците го приближуваат шахот до децата
Гостивар, 22 март 2024 – Воведувањето на шаховската игра во редовната настава за основци ги дава првите резултати. Освен што децата се запознаваат со шахот, тоа станува и предизвик за наставниците. Последниот пример во подрачното училиште „Единство“ во населбата циглана е убав пример за соработка.
Од ШК „Гостивар“ информираа дека на повик од наставничката Весна Степаноска Соломоноска претседателот на клубот Воислав Мерџаноски и шаховскиот тренер Ахмет Селмани присуствуваа на еден час за второодделенци. Тие со децата споделија некои основни правила на играта и им подарија десетина комплети со табли и фигури.
– Ова е одличен пример како еден наставник самоиницијативно ги подучува децата. Се надевам дека ќе го следат и останатите, со оглед дека шахот е изборен предмет, а гледаме дека има сè повеќе деца кои ќе ги научат тајните на оваа игра и ќе ги искористат придобивките од изучувањето на шахот, рече Мерџаноски.
Тој смета дека со константна работа и вложување на сите шаховски работници и одделенските наставници може да се дојде до подобри резултати.
– Шахот не е само игра, шахот не е само спорт, шахот кај децата е „алатка“ за развој на многу други способности како: фокус, концентрација, логичко размислување итн., смета Мерџаноски.
Коментарите се затворени.