Н.У. Конзерваторски центар Гостивар го претстави културното наследство во гостиварско
Гостивар, 18 април 2024 (МИА) – Националната установа Конзерваторски центар Гостивар по повод Светскиот ден на културното наследство 18 Април, со изложба на отворено ги претстави проектите за заштита и фотографии на спомениците на културата во гостиварскиот крај. Првиот човек на Конзерваторски центар за изложбата кажа дека има за цел да им се прикаже на пошироката јавност и пред сè на помладите сограѓани културното наследство на нивниот крај и да го сочуваат за идните генерации.
– Освен скици од проекти кои сме ги сработиле години наназад за заштита на повеќе објекти, има и фотографии од локалитети и објекти кои се заштитени од државата како вредно наследство, рече Бафќар Нуредини, директор на Конзерваторски центар.
Изложбата која беше поставена во непосредна близина на симболот на градот, Саат кулата, ја посетија и неколку групи на основци и средношколци и граѓани минувачи. Вработените во центарот даваа информации за поединости и делеа летоци и брошури со информативна содржина.
Оваа установа чија улога е пред заштита на спомениците на културата и останатите објекти од културното наследство и во наредната година ќе добие поддршка од ресорното министерство, бидејќи како што рече државниот секретар Арљинд Хусеини, досега успешно ја извршува зададената функција.
По повод одбележувањето на Светскиот ден на културното наследство, Саат кулата ќе биде отворена за посети и разгледување на еден од најстарите објекти во гостиварско.
згм
Коментарите се затворени.