Бендот Фантастик сними видеоспот за новата песна „Млад на печалба“ (ВИДЕО)

Гостивар, 7 мај 2024 – Музичкиот состав Фантастик бенд деновиве ги заврши снимањата на видеозаписите за нивните авторски песни: „Млад на печалба“ и „Ајде брате на наздравиме“. Материјалот е сниман на повеќе локации низ гостиварско, а во нив има педесетина статисти. Според сценариото двата спота се една приказна која има две продолженија, односно „Ајде брате да наздравиме“ се надоврзува на песната и спотот од „Млад на печалба“.

Авторот на видеото ја реализира замислата за приказна во која еден од двајцата браќа заминува на печалба. Тој во првиот дел, остава мали дечиња и жена, додека во вториот спот, помалиот брат му праќа покана за свадба и тој се враќа дома.

Новото видео може да се види на телевизиите и на сателитската ИН Тв кои ја негуваат македонската музика. Наскоро се очекува да биде завршен и постпродукцискиот дел за вториот спот. Инаку и двата изобилуваат со кадри од македонската традиција, печалба, свадба и други адети, а нив ги изработи и снимаше ИН продукција.

Од бендот искажуваат благодарност до ГАКУД „Браќа Ѓиноски“, Kat-star Pro, жителите на село Сушица и сите кои учествуваа во овој проект. Музиката за песната „Млад на печалба“ ја напиша Душко Наумоски, текстот е на Драган Матески, аранжманот на Љупчо Павловски и е снимано во студио Анастасија.

 

 

Коментарите се затворени.