Ива Китановска: УБАВИНАТА ЌЕ ГО СПАСИ СВЕТОТ

– Овој прилог е подготвен во аудио формат и може да го преслушате тука.

Во продолжение се поставени текст со прилагоден транскрипт, фотографии и видео инсерти. Изработката на прилогот е во рамките на прaктикантската програма која е дел од проектот „Заедно за поквалитетно локално новинарство“, финансиран од Европската комисија, а се спроведува од здружението „Медиум“ од Гостивар

Гостивар, 13 јуни 2024 – Македонската модна сцена од пролетта 2022 година е збогатена со уште еден настан, кој ја прославува модата. Скопскиот моден фестивал (Skopje Fashion Festival) периодов доживеа четири изданија, на кои продефилираа уметници, модели и академии не само од земјава, туку и од соседството. За развојот, историјатот и иднината на скопскиот модел фестивал, нашиот новинар Христијан Јованоски направи интервју со Ива Китановска, директорка за маркетинг и односи со јавност во Макс менаџмент, агенцијата што го организира фестивалот.

„УБАВИНАТА ЌЕ ГО СПАСИ СВЕТОТ Е МНОГУ УБАВА ФРАЗА КОЈА ШТО СЕ ПРОВЛЕКУВА НИЗ СЕВКУПНОТО НАШЕ ПОСТОЕЊЕ“

Со овие зборови Ива Китановска го започна разговорот за Скопскиот модел фестивал, којшто годинава го имаше своето четврто издание. Манифестацијата се развива од година во година, за последното издание да  доживее четири фестивалски денови што се одржаа меѓу 3 и 6 април, на кои беа присутни не само македонски, туку и балкански дизајнерски имиња.

 

– Ако тргнеме уште од почетоците на Скопје Фешн фестивал, од првата сезона имаше само две фестивалски вечери, затоа што она што го нудиме како програма не може да се смести во еднодневен настан. Она што беше различно низ годините со последниот настан е тоа што сезона 4 донесе и четири фестивалски денови, вели Ива Китановска.

Напоредно со развојот на фестивалот, се зголемува и интересот на публиката за Скопскиот модел фестивал. Околу 3.000 лица годинава ги проследија модните ревии, но и уметничките перформанци, музичките, танцовите и сценските изведби, како и настапите на познати пејачи.

– Она што ме прави особено горда е што фестивалот од година во година расте како што расте едно дете. Расте во сé поубав и поетаблиран настан којшто го препознаваат многу, многу луѓе, горда е на успехот Ива Китановска.

Десетици дизајнери, брендови и академии од земјава и од странство се претставија пред модната публика во изминативе четири изданија на фестивалот. Некои од нив го црпат својот личен развој низ годините токму и преку претставувањето на Скопскиот модел фестивал.

 

– Секој којшто даде свој придонес во реализацијата на настанот си имаше свое значење. Дали е различно? Да, секоја година е различно, затоа што работиме воглавно со различни луѓе. 80 отсто од луѓето коишто се презентираат дизајнерски на настанот се различни. Меѓутоа, има еден убав момент којшто за нас е одлична рекогниција. Има дизајнери коишто можеби трета година учествуваат кај нас. Тоа значи дека тие го препознале нашиот квалитет, даваат дополнителна тежина на настанот и нивната работа расте како што расте и самиот фестивал, вели Ива Китановска.

Директорката за маркетинг и односи со јавност не ги открива новите изненадувања коишто ќе следат на наредното издание на Скопскиот моден фестивал, но порачува дека како организатори имаат големи планови за манифестацијата во иднина.

– Ние целиме кон тоа Скопје Фешн фестивал да продолжи да расте и да прераснува во една платформа, каде што сите наши домашни и регионални дизајнери ќе имаат простор да го дадат својот израз и да го истакнат својот печат во модата, уверено заклучува Ива Китановска на крајот од нашиот разговор.

 

Автор: Христијан Јованоски

Продукција: Радио Џи / RADIO G

Фото: Зоран Г. Маџоски

 

Оваа новинарска сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ и не нужно ги одразува гледиштата на Европската Унија.

 

Коментарите се затворени.