Света Божествена литургија за празникот Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител
Гостивар, 11 септември 2024 – На чествувањето на споменот на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештенство од Гостиварското намесништво, отслужи света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Гостивар. На литургијата верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна дека денес го прославуваме Свети Јован Крстител и Претеча на нашиот Господ Исус Христос. Споменот кон св. Јован отсекогаш бил еден од најраширените во Православната Црква.
– Наоѓајќи се денес овде во овој храм во Гостивар, да се подучиме од животот на Свети Јован. Да се сетиме на неговата цврста и непоколеблива вера, неговата правдољубивост и вистинољубивост, неговата недволичност, искреност и чесност. Овие принципи да ги усвоиме и во нашите животи, па постапувајќи и живеејќи така, да измолиме милост Божја. Нека му е вечен споменот на Светиот Славен, Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, а Спасителот наш Господ Исус Христос, преку неговите молитви нека нè помилува и спаси нас грешните. Амин!
Владиката Јосиф ги потсети верницте дека денес е посен ден како и другите еднодневни: Водокрст-денот пред Богојавление, Отсекување на главата на свети Јован Крстител, Воздвижение на Чесниот Крст. Тој на верниците им порача:
„Да не заборавиме дека заедно со постот од храна, треба да се грижиме и за постот од страстите. Во многу црковни химни и во учењето на Светите Отци, се истакнува дека постот е целосен само доколку истовремено се трудиме и за двете работи: постот од храна и постот од страстите. Имајте благословен ден. Св. Јован да се моли за сите нас. Амин!
Коментарите се затворени.