Гостиварецот Воислав Мерџаноски стана претседател на Шаховската федерација на Македонија
Гостивар, 20 март 2025 – Воислав Мерџаноски, претседателот на ШК „Гостивар“ од вчера е прв човек на националната шаховска федерација. Покрај него, во раководството на федерацијата е и Мирослав Кузманоски, кој стана член на Управниот одбор. Информацијата за изборот на нов претседател ја потврдија од Шаховската федерација на Македонија.
– Вчера, (19.03.2025) во хотел Континентал се одржа вонредно Изборно Собрание на ШФМ. На собранието присуствуваа 30 делегати на клубови со право на глас, се наведува во соопштението.
На изборот на новиот претседател му претходеше презентација на работата на УО и финансискиот извештај за 2024 година и нивното усвојување. Како поважна точка беше изборот на претседател а до Собранието свои кандидатура поднесоа двајца кандидати за претседател, Воислав Мерџаноски и Оливер Деркоски.
За нов претседател на ШФМ, со мнозинство од 18 гласови беше избран Воислав Мерџаноски. Во УО на федерацијата од вчера е и гостиварецот Мирослав Кузмановски, вљубеник во шаховската игра и активист од Гостивар.
Куриозитет претставува и фактот што Мерџаноски е прв претседател на која било спортска федерација и изворно потекнува од Гостивар. Изборот во спортската јавност се смета за своевиден успех и признание за спортските работници и спортот воопшто кој опстојува во Гостивар и околината.
Воислав Мерџаноски со шах се занимава повеќе од пет децении и бил натпреварувач во неколку циклуси. Во последниве години ангажиран е на полето на популаризација на шахот во градот меѓу најмладите. Мерџаноски години наназад е меѓународен шаховски судија и учествувал на значајни шаховски манифестации, првенства и олимпијади и други натпревари.
згм
Коментарите се затворени.