Адеми: Гостиварските пожарникари се дискриминирани и жртви на политичките манипулации
Гостивар, 18 септември 2025 (МИА) – Положбата на пожарникарите и условите во кои работат се дискриминациски и неприфатливи, оцени Фјола Јакупи Османи портпаролката на независниот кандидатот за градоначалник на општина Гостивар, Висар Адеми на денешната прес-конференција. Таа пред седиштето на територијалната противпожарна единица укажа на сегашната состојба во која работат пожарникарите и напомена дека во програмата на Адеми предвидено е модернизирање на службата и подобрување на условите за работа.

Јакупи Османи, посочи дека објектот на ТППЕ во Гостивар е во алармантната состојба и дека му е потребна итна реконструкција.
– Пожарникарите, иако се секојдневни херои на Гостивар, се третираат како работници од втор ред: со мизерни плати, нечовечки услови за работа, застарена опрема и возила, без здравствено осигурување за дел од нив и со објект недостоен за нивната благородна мисија. Ова е состојба на дискриминација кон пожарникарите и таа е неприфатлива неправда и институционален криминал, рече Јакупи Османи на прес конференцијата.
Таа го претстави планот на Висар Адеми како иден градоначалник, со кој, како што рече, ќе се стави крај на оваа состојба со: порамнување на платите согласно законските стандарди, здравствено осигурување за секој пожарникар, модерни возила и опрема, нови униформи секоја година, целосна реконструкција на објектот, како и инсталирање сензори за рано откривање пожар во сите јавни институции.
– Овој план ќе се реализира преку разрешување на партиските директори, намалување за половина на непродуктивната администрација и пренамена на буџетот кон суштинските услуги за граѓаните – како пожарникарите, чистотата и одржувањето на улиците. Пожарникарите повеќе нема да бидат жртви на неспособноста и политичките манипулации. Тие ќе имаат достоинство, соодветни услови за работа и правични плати, беше истакнато на прес-конференцијата.

згм
фото: канцеларија на Висар Адеми независен кандидат
Коментарите се затворени.