Бојкот на наставата по македонски јазик во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“
Гостивар, 8 октомври 2025 – Недоразбирањата помеѓу членовите на училишната управа во ОО „Мустафа Кемал Ататурк“ кулминираа со бојкот на наставата. Втор ден по ред четириесетина наставници не држат часови на македонски јазик, а поголемиот дел од над 450 ученици не се во клупите. Марија Антиќ, помошник директор која раководи со наставата на македонски јазик во училиштето изнесе забелешки на работата на директорот на училиштето, Нури Мазлами и образложи што довело до бојкотот на наставата. Според неа имало тенденциозно мешање во распределбата на часови и одземање на класни раковдства, дискриминација на ученици и наставници по национална основа, незаконско казнување на наставници и попречување на работата на помошник директорот.
Според претставникот на родителите и заменик-претседател на родителскиот совет, Борче Брајковски проблемите настанале на почетокот од учебната година со кадровски промени и смените на класни раководители.
– Тројца класни раководители беа сменети без да се извести помошник директорот за наставата на македонски јазик, која врши прераспределба на часовите и наставниците. Ваквиот потег се одразува на децата кои во меѓувреме создале врски со наставниците рече Брајковски. Тој упати критики кон првиот човек на училиштето и заради неприфаќањето на барања за подобрување на условите кои родителите претходно му ги предочиле.

Помошник директорката Марија Антиќ во обраќањето во училишниот двор искажа загриженост и револт поради, како што рече, сериозните прекршувања на законските, етичките и педагошките норми кои се насочени само кон наставниците и учениците на македонски наставен јазик.
– Веќе подолг период, сведоци сме на серија постапки и одлуки од страна на директорот на училиштето, кои не само што се спротивни на добрата практика, туку директно влијаат врз квалитетот на наставата и достоинството на наставниот кадар. Би сакала да укажам на неоснованото нетранспарентно и пристрасно прераспределување на наставни часови и одземањето на класни раководства без никаква консултација, ниту со наставниците, ниту со мене како помошник директорот. Тоа досега беше редовна и професионална пракса која успешно функционира години наназад. Овие одлуки се носат еднострано, без дијалог, и без анализа на последиците врз наставниците и учениците, кои се најголеми жртви на ваквото управување, рече помошник директорката Антиќ. Таа оцени дека со ваквото однесување на директорот се создава клима на страв и неизвесност и го нарушува секојдневното функционирање на училиштето.

Директорот на училиштето, Нури Мазлами во писмена изјава ги објасни состојбите околу одлуките за прераспоредувањата. Тој смета дека со бојкотот се врши манипулација на родителите и јавноста за да се изврши притисок и побара од надлежните органи да ги истражат дејствијата и да се утврди одговорност. Мазлами во изјавата напомнува дека по пријавите Државниот просветен инспекторат спровел инспекциски надзор и не биле регистрирани пропусти, ниту е прекршувања на законите. Тој ги отфрла и негира сите обвинувања како неаргументирани.
– Не сум презел активности и не сум донел одлуки со тенденција да наштетам на ниеден вработен, група особено не заради етничка припадност или наставен јазик. Напротив донесените одлуки се согласно законските прописи кои сум надлежен и должен да ги почитувам како одговорно лице во училиштето и спречување на анархија и воведување паралелни системи во училиштето, стои во изјавата на директорот Мазлами.

Претставникот на советот на родители, Борче Брајковски образложувајќи го бојкотот кажа дека имало разговори со училишната управа, но како што кажа немало слух за нивните барања. Тој го потврди ставот на родителите дека бојкотот ќе продолжи до изнаоѓање на решение, бидејќи како што рече, се присилени на ваков чекор.
– Ги информиравме сите институции, Министерството за образование, Државниот просветен инспекторат, како и локалната самоуправа, да реагираат и да преземат конкретни мерки. Во одговорите не беа констатирани законски прекршувања. Затоа и се решивме со бојкот да се стави крај на ваквото недолично и неприфатливо однесување на директорот кон своите вработени и учениците, рече Брајковски.

Помошник дирекорката Антиќ оцени дека односите влијаат и врз работната атмосфера. За тоа упати критика кон директорот Мазлами за односот кон наставниците кои предаваат на македонски јазик, за како што нагласи недостоинствен, нетранспарентен и пристрасен однос. За неа е загрижувачки и фактот што директорот тенденциозно ја избегнува комуникацијата со неа како помошник директорот и ја попречува нејзината работа и улога во менаџментот, иако на таа фукција е три години.
– Наместо почит, соработка и еднаков третман, се практикува дискриминација, притисоци и селективно однесувањекон наставници кои не се истомисленици со директорот.Особено е загрижувачки фактот што одредени наставници се предмет на финансиски казни без правна основа, без претходна писмена опомена, и без можност за одбрана. Тоа не само што е незаконски, туку е и длабоко понижувачки чин што директно го повредува достоинството и правата на наставниот кадар, подвлече помошник директорката Марија Антиќ
згм
Коментарите се затворени.