Изложба и дебата за зголемена свест за семејното и родово заснованото насилство.
Гостивар, 1 мај 2026 – Под мотото „Молкот убива, гласот спасува“, синоќа во Гостивар, центарот за женски права „Етика“ организираше дебата и изложба за подигање на свестта од насислтвото во семејството и врз жената. Посебната изложба со 16 фотографии во центарот за култура АСНОМ пред гостиварци претстави реални приказни со јасна порака: да се прекине молкот и да се зголеми свеста за семејното насилство и родово заснованото насилство.


Во своето обраќање Себајете Зенку, како раководител на центарот за женски права „Етика“ во Гостивар, истакна дека овој настан не е само уметнички, туку и моќен повик за рефлексија и акција. Според неа, изложбата има за цел да ги „отвори очите и срцата“ на општеството, привлекувајќи го вниманието на приказните на жените кои молчеле со години.
– Ова е глас на жените кои долго време молчеа, не затоа што немаа што да кажат, туку затоа што никој не ги слушаше. Насилството во семејството и родово заснованото насилство не се само приватни прашања. Тие се тешки прекршувања на човековите права кои оставаат длабоки физички, психолошки и духовни последици. Насилството се случува во тишина, зад затворени врати, но неговото влијание се шири низ целото општество, рече Зенку.

Според презентираните податоци, во текот на 2025 година во земјата се регистрирани над 1200 жртви на семејно насилство, од кои повеќето се жени. Фотографиите на изложбата прикажуваат приказни за храброст и преживување, сведочејќи дека надежта постои и во најтешките ситуации.
На дебатата која се одржа во салата на советот на општина Гостивар, учествуваа жени активисти, социјални работници, обвинител и претставници на полицијата кои работат со случаи на семејно насилство. Тие во своите излагања посочија дека е важно да се гради општество во кое насилството не се толерира и секоја жртва се чувствува заштитена и слушната. Беа презентирани и дел од мерките и конкретната поддршка на жртвите.

На панелот со свои видувања и иксуства зборуваа обвинителката Александра Дамјаноска Николоска и полицискта инспекторка Нермине Идризи. Тие ја истакнаа важноста од брзиот институционален одговор, законските процедури по пријавувањето на случаите и заштитата на жртвите. Како особено важна алка во системот покрај брзата интервенција беше спомната меѓуинституционалната соработка за обезбедување долгорочна заштита.

Од друга страна, Хазби Шаќири од Центарот за социјална работа ги презентираше главните услуги што им се обезбедуваат на жртвите, вклучувајќи психосоцијална поддршка и следење на случаите, како и координација со органите за спроведување на законот и правдата.
Психологот Блерита Мустафаи Мазлами од Центарот за женски права „Етика“, и која работи во „шелтер-центарот“ за жени жртви на семејно насилство, нагласи дека насилството не влијае само на физичката безбедност, туку и на идентитетот и психолошката благосостојба на жртвите, оставајќи долгорочни последици.
Настаните беа организирани во рамките на проектот „Глас на надежта“, поддржан од УНФПА и Британската амбасада. згм/дма/
Коментарите се затворени.