Од утре почнува маршот на коњаницата „Св. Јован Бигорски – Патот на Црешовото Топче“,
Гостивар, 25 јули, 2026 – Годинава по седумнаесети пати група коњаници ќе тргне на пат долг околу 200 км. кон Крушево и Мечкин Камен на прославата на Илинден. Организаторите,нјавија дека утре (26 јули 2026 година), во 8:30 часот, од гробиштата во селото Зубовце ќе тргне коњаницата „Св. Јован Бигорски – Патот на Црешовото Топче“, по седумнаесетти пат ќе го мине патот долг околу 200 км. кон Крушево и Мечкин Камен.

Од Зубовце, коњаниците ќе минат низ Тумчевиште, Гостивар, манастирот „Св. Јован Бигорски“, Јанче, Галичник, бачилата на Бистра – Салтаница, Сулумуница и Раштанец, манастирот во Кнежино, Кичево, Вранештица и Цер, за на крајот достоинствено да пристигнат во Крушево и да се поклонат пред бесмртното дело на илинденците. Коњаницата и годинава ќе биде дел од традиционалната десетдневна прослава на Крушевската Република, носејќи го духот на слободата, честа и непокорот кон легендарниот Мечкин Камен.
– Овој пат не е само патување низ македонските планини, туку патување низ историјата. Секој удар на копитата, секој развеан македонски барјак и секој чекор кон Крушево потсетуваат дека слободата никогаш не била подарена, туку изборувана со крв, вера и љубов кон татковината, наведуваат од организациониот одбор
Во здружената коњаница учествуваат коњаници од Гостиварско и Скопје, коњаницата „Илинден“ од селото Радово – Струмичко, „Костурска чета“ од Битола, како и коњаници од Крушево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево и Радовиш.

МАРШРУТА НА КОЊАНИЦАТА
26 јули 2026 (недела)
- 08:30 – Средба на коњаниците пред гробиштата во с. Зубовце.
- 10:30 – Пристигнување во с. Тумчевиште.
- 14:00 – Дочек пред црквата во центарот на Гостивар.
- 16:00 – Тргнување кон Бигорскиот манастир, по патот по кој било пренесено првото Црешово Топче како поддршка на илинденските востаници.
27 јули 2026 (понеделник)
- 10:00 – Литургија, благослов и заклетва во Бигорскиот манастир.
- 11:00 – По благословот, тргнување кон Јанче.
- 12:00 – Пристигнување во Јанче и продолжување кон Галичник.
- 13:30 – Пристигнување во Галичник.
- 15:30 – Поаѓање од селската ливада кон бачилото Салтаница.
- 20:00 – Пристигнување во бачило Салтаница.
28 јули 2026 (вторник)
- 07:00 – Поаѓање од бачило Салтаница покрај бачилото Сулумуница.
- 11:00 – Пристигнување во бачило Раштанец.
- По кратка пауза, продолжување кон манастирот Кнежино.
- 16:00 – Пристигнување во манастирот Кнежино.
29 јули 2026 (среда)
- 08:00 – Поаѓање од манастирот Кнежино кон Крушино.
- 09:00 – Пристигнување во Крушино.
- 10:00 – Влегување во Кичево,
- 11.00 — Благослов во црквата и продолжување кон Вранештица.
- 12:00 – Продолжување покрај Општата болница во Кичево, преку Србјани и Староец.
- 16:00 – Пристигнување во црквата „Св. Илија“ во Вранештица.
30 јули 2026 (четврток)
- 11:00 – Поаѓање кон селото Цер, преку Турла и селото Црско.
- 15:00 – Пристигнување во Цер.
31 јули 2026 (петок)
- 09:00 – Поаѓање од Цер кон Крушево, преку Пуста Река, Долно Дивјанци и Арилево.
- 14:30 – Пристигнување на езерото во Крушево, во кампот на коњаницата „Св. Јован Бигорски – Патот на Црешовото Топче“, каде што започнуваат подготовките за големата илинденска прослава на 2 Август на Мечкин Камен.
Коментарите се затворени.