СДСМ ќе се залага за загревање на спортската сала „Младост“ со фотоволтаични панели
Гостивар, 10 октомври 2021 ОО на СДСМ Гостивар во рамки на предизборните активности на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ организираше средба со претставниците на клубовите кои егзистираат на подрачјето на општина Гостивар.
За таа цел, во посета на Гостивар беше претседателот на Комисијата за спорт при СДСМ Наумче Мојсоски. Тој се сретна со тренери и играчи на КК Гостивар, ЖКК Гостивар 2009, РК Јехона, ФК Трабзон и карате клуб Полог. На средбата беа и професори по спорт од општинските училишта. Во разговорите биле истакнати заложбите за развивање на спортот, кои како што нагласија од ОО СДСМ, тие мора да бидат приоритет на секого.
За темата видеообраќање имаше Викторија Филипоска, кандидат за советник во Советот на општина Гостивар. Таа истакна дека во предизборната програма на советничката група предвидена е инвестиција со која ќе се реши загревање на спортската сала „Младост“.
– Да се биде дел од некој спорт генерира различни социо – економски добивки. Спортот може и остава големо и позитивно влијание врз личноста, заедницата, па дури и целото општество. Спортот им помага на младите во поставување на нивните цели, стекнување на здрави навики во животот и сигурност во работата. Преку тимската работа тие го развиваат тимскиот дух, а воедно ги развиваат и вештините за решавање на различни проблеми. Советничката група на СДСМ ќе се залага за имплементирање на најмодерно решение за загревање на спортската сала „Младост“ преку поставување фотоволтаични панели. (видео порака)
Коментарите се затворени.