Димовски и Лимани: Спроведовме мирна и позитивна кампања
Гостивар, 15 октомври 2021 Успешна предизборна кампања, без инциденти и претставување на реални проекти, за разлика од нашите опоненти. Ваква оценка дадоа носителите на листите со советници Гоце Димовски од ВМРО-ДПМНЕ коалицијата обнова на Македонија и Ваљбон Лимани од Алијанса за албанците-Алтернатива.
Двајцата носители денес имаа неформална средба на која разговараа за текот на кампањата и упатија порака до гласачите да излезат помасовно на избори.
– Нашата кампања помина според предвиденото и за овие три недели успеавме да ја презентираме програма, која е составена од реални проекти. За жал од другата страна, нашите опоненти водеа негативна кампања и ширеа лажни вести. Очекувам денот на изборите да помине мирно и достинствено, рече Димовски.
Тој ја искористи можноста да ги повика граѓаните масовно да излезат и да гласаат за листата за советници со реден број 7 предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а гласот да го дадат за кандидатот за градоначалник Арбен Таравари кој е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Лимани очекува позитивната атмосферата меѓу членството и симпатизерите да преовладува и по завршување на кампањата.
– Кампањата која ја спроведовме изминативе денови беше позитивна и конструктивна. Би упатил апел до нашите опоненти да не се служат со лажни вести и да придонесат за мирни и достоинствени избори. Ги повикувам граѓаните да излезат на гласање и да ја изразат сопствената волја, според лично убедување, рече Лимани.
Коментарите се затворени.