Трибините на спортските арени во Гостивар недостапни за лицата со посебни потреби
(Текстот е адаптиран транскрит од аудио прилогот емитуван на Radio G што може да го преслушате тука)
Гостивар, 26 јуни 2023 – Скандирање со спортски пароли и повици за победа. Вака гостиварци ги бодрат своите миленици. Му влеваат надеж на тимот за да станат дел од елитата и да заиграат во кошаркарскиот плејоф. Салата е полна, но еден навивач е надвор. Не може да го следи натпреварот од трибини во спортската сала Младост. Во очи паѓаат натписите по скалилата кои водат до столчињата. Пишува „добредојдовте“ на три јазици. Ивица Срезоски не го чувствува гестот на гостопримство. Тој не може да ги искачи за да се смести на трибината и да следи натпревар.
Високи скалки и ниска свест
Ивица се движи со помош на патерици. Застанува на секоја втора скала. По секој нов обид на лицето му се гледа грч од напор. Овој четириесет годишен гостиварец се соочува со препреки кои му го отежнуваат секојдневието. Ивица боледува од цербрална атаксија. Но има пасија и сака да гледа спортски натпревари.
– За Гостивар, би рекол, дека сме на прво место во спортот, но на последно место сме во пристапите. Спортскиот центар и самиот влез на салата се непристапни. Не само за мене, како лице со посебни потреби, јас себе се сметам како лице со штаки, туку и за оние кои се движат со колички. Па, има уште многу ситници, за некого тоа се ситници, но за нас се големи работи. Пристапот е број еден. Па тука следно се седиштата на кои ние би требало да седнеме. Една скала е во просек 30 сантиметри, јас ногата можам да ја кренам 5 сантиметри, не повеќе. Ако сум со некој, ќе ми помогне да ги искачам но веднаш морам да седнам. Пристапот и седнувањето се катастрофални.
Не е само искачувањето на скалилата во спортската сала Младост проблем. Ивица го посочува и повеќечасовниот престој. Вршењето на физиолошки потреби е речиси невозможно. Тоалетите не се приспособени и тоа го опишува како изгледа.
– Најтрагична работа, кај нас тука, во спортска сала е да влезеш во тоалет. Има два тоалети, под трибините, од лева и од десна страна. Внатре нема ништо, ни мијалник, ни школка, ни вода или ако има вода, водата е пуштена, си тече, можеш да влезеш, да шлапкаш. Зошто би било тоа така? Ние не бараме којзнае што. да има, на пример, метар слободно за да се отвори вратата. Така приспособена за да влезам и јас како лице со посебни потреби со штаки, но да влезе и лице со количка. И најбитно за нас е да има ве-це школка, а не чучавци, бидејќи чучавци се нешто друго. Јас морам да седнам за да извршам физиолошка потреба, а не да клечам, зашто јас не ни можам да клечам. И би сакал да се направи нешто што, на пример, ние би ја почувствувале кошарката и другите спортови како да сме дома, да се соживееме со спортот.
Малку институции имаат услови за пристап
Ивица Срезоски претходно работел и речиси не се разликувал од останатите сограѓани. Влошувањето на здравјето му го ограничи движењето и работоспособноста. Заради попреченоста станал корисник на инвалидска пензија. Неговиот живот е оптоварен и со други препреки во секојдневието. Смета дека е дискримиран во споредба со останатите
– Исто како што кажав, тоа е сè болно. Да земеме една институција како полиција. Нема лифт. Ако треба да одиш по скали горе, најгоре, е многу болно и напорно. Ај, пак, лично јас, ќе се уморам ама ќе се качам. Што би направил оној со количка, што нема никаков пристап да се качи до горе..? А да замолиш некој од тие службеници да слезе долу, тоа не може да се случи. А има поголеми шанси да се направат надворешни лифтови, на секој кат да застанува лифтот.
Каква е грижата за лицата со посебни потреби во институциите кои Ивица ги посочи. Прашав во СВР Тетово. Впечатокот е дека има услови и се води грижа за оваа категорија на граѓани.
– Деловниот објект на СВР Тетово располага со соодветен пристап, односно со обликувана рампа за лица со попреченост и во секое време е достапен за лицата со попреченост кои имаат потреба од најразлични сервисни и други услуги. Истото се однесува и на објектот во кој функционира Отсекот за правни работи Тетово. И во Одделението за внатрешни работи Гостивар пристапот е целосно овозможен, дотолку повеќе што сервисните служби се сместени во приземниот дел од деловниот објект и до нив непречено се стигнува со инвалидски колички или други помагала. Во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово во најскоро време ќе се обликува пристапна рампа, а слични зафати планирани се во сите полициски одделенија на тетовско-гостиварското подрачје.
Гостивар очекува стратегија за подобри услови за лицата со посебни потреби
Таткото на градот ги согледува потребите на лицата со попречености за поолесното движење. Градоначалникот Таравари во вториот мандат се обидува да го олесни животот на овие лица преку механизми кои локалната самоуправа ги поседува. Влезот во спортската сала Младост, пристапот до шалтерите, високите ивичници на тротоарите и другите бариери за лицата со попреченоста при движење, наскоро може да бидат минато. Локалната власт најавува системско решение
– Иако и во спортската сала и на стадионот, постојат делови каде што многу полесно луѓето со посебни потреби имаат приод, но мислам дека треба да се направи нешто специјално и на градскиот стадион и во спортската сала. И не случајно, пред 5-6 месеци собравме група на луѓе коишто се многу компетентни, за да седнеме и да напишеме стратегија односно акциски план, за тоа како да ги подобриме условите на нашата општина за луѓето со посебни потреби. За сите категории на луѓе, на коишто за жал, општеството не им обрнува толку многу внимание, онолку колку што треба. Јас се надевам дека за неколку месеци ќе излеземе со тој акциски план пред Советот на општината. На тоа ќе му претходат дебати и евентуално да се додадат и други идеи. И потоа да почнеме да реализираме одредени идеи коишто се изводливи. Меѓутоа, нормално, не можеме сé од акцискиот план за година-две, ќе остане нешто и за следниот градоначалник да продолжи и направи што подобри услови за луѓето со посебни потреби, вели градоначалникот Арбен Таравари,
Тој има очекувања и лично поскаува делови од акцискиот план поскоро да се реализраат и кажува што би било приоритет за да им се олесни животот во родниот град.
– Не се само рампи, туку се одредени делови на тротоари, инсталирање на опрема на одредени семафори за луѓе со попречен вид, пешачки премини специјално обоени.. Тоа веќе планираме да го реализираме оваа есен. Свесен сум дека можеби нема да можеме сé да реализираме веднаш, но нашите тенденции ќе бидат што повеќе реализирани во следните две години.
Ивица како лице со попреченост открива уште еден сегмент од неговото секојдневие. Погледите на луѓето ги забележува, но во нив гледа и незнаење, неупатеност. Многумина се обиделе да му помогнат, но најчесто не знаат како, а има такви кои со поглед го одбегнуваат.
Свирежот на судијата означи крај на натпреварот, но остана прашањето дали тој свиреж означи крај или продолжеток на еден друг и поинаков натпревар? Дуелот кој Ивица Срезоски го води со системот за да обезбеди место од кое ќе навива за својот тим и ќе има полесен чекор движејќи се низ Гостивар.
Проектот е финансира од Европската Унија „Програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и промотивна улога“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)“
„Мислењата што се изразени во оваа сторија му припаѓаат на авторот на текстот и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европската Унија.“
Коментарите се затворени.