ДУИ Гостивар: Со бришење на 33 илјади иселеници, се бришат и осум места во општинскиот совет
Гостивар, 24 октомври 2024 – Со владината одлука за бришење на нерезидентното население и дијаспората во последниот попис се намалува и бројот советници во општина Гостивар, ова меѓу другото беше тема на прес конференцијата на гостиварскиот огранок на ДУИ.
Членот на актуелниот совет на општина Гостивар, Лек Далипи посочи дека исклучувањето на нерезидентните граѓани од општина Гостивар, особено припадници на албанската дијаспора, предизвикува голема загриженост во врска со нивното влијание врз националните интереси на Албанците во РСМ.
– Исклучувањето на дијаспората од локалната власт, особено од учеството во изборот на општинските советници, има длабоки штетни последици. Тоа вештачки го намалува официјалниот број на населението, што директно влијае на бројот на општинските советници. Бидејќи застапеноста се заснова на бројот на населението, ова намалување го ослабува гласот на Албанците во општината, што доведува до намалена улога во локалното донесување одлуки. Помалку советници значат помалку влијание врз критичните локални прашања како што се распределбата на ресурсите, јавните услуги и развојот на инфраструктурата, што пак им штети на долгорочните економски изгледи на нашата заедница, рече Далипи.
Според него со одлуката донесена на 24 септември годинава, се влијае директно на бројот на советници во Советот на општина Гостивар. Па така, бројот на советници ќе се намали за осум, односно од 31 советник, колку што има, во иднина советот ќе биде составен од 23 членови.
Вината за носење на одлуката пред еден месец, според Далипи паѓа врз актуелната власт и одговорноста ја префрли на коалицијата ВЛЕН/ВРЕДИ и доскорешниот градоначалник Арбен Таравари, актуелениот министер за здравство.
– Таравари му изрече смртна казна на Гостивар со бришење на 33 илјади иселеници од вкупниот број на население. Поранешниот градоначалник ги сметал само гласовите на дијаспората, но не и нивната судбина. Го прашуваме Таравари, каков е тој гнев против граѓаните на Гостивар? Зошто го напушти мандатот на градоначалник оставајќи ја општината во целосен колапс? Дали е тоа показател за катастрофалниот пораз на последните парламентарни и претседателски избори од 2024 година, праша општинскиот советник Лек Далипи.
Коментарите се затворени.