Запуштениот двор во подрачното училиште во Долна Бањица стана катче за рекреација

Гостивар, 13 мај 2025 –  Со донација на Хуманитарното здружение на граѓани „Д-р Трајче Нешковски“ значајно се подобрени условите за рекреација на учениците во подрачното училиште „Мустафа К. Ататурк“ Долна Бањица. Дворот на некогашниот факултет за храна е преуреден и во него се поставени реквизити за фудбал и кошарка.

На пригодната церемонија за примопредавањето на која покрај претставниците на училиштето и здружението, беше и градоначалникот Ваљбон Лимани кој искажа благодарност за ангажманот и идејата овој запуштен простор да се стави во функција.

– Откако игралиштето во дворот се уреди, поведовме иницијатива со која дел од просторите на објектот во кој беше сместен факултетот за прехранбена технологија и исхрана се преуредат за да може во зимскиот период учениците, часовите по физичко воспитување да ги одржуваат тука, рече Лимани.

Благодарност за донацијата искажаа и од раководството на училиштето, напомнувајќи дека ова не е прва соработка со здружението „Д-р Трајче Нешковски“.

– Претходно, објектот во кој е сместено централното училиште „Мустафа Кемал Ататурк со нивна помош беше опремена сензорна соба за ученици со попреченост. Во оваа прилика би сакала да ги повикам и останатите општествено одговорни компании да се помогнат и со вакви иницијативи да придонесат за поквалитетно образование, рече Марија Антиќ, помошник директор на училиштето.

Ема Нешковска од здружението, посочи дека училишната управа и локалната самоуправа треба да водат грижа за поставените реквизитите, за, како што рече им служат на децата во подолг период. Нешковска истакна дека оваа донација има за цел на децата кои учат во ова училиште и од населбата да им се овозможи да се рекреираат и да ги спроведуваат часовите по физичко образование, да имаат место за здраво опкружување и здраво растење.

– Идејата потекна од родители кои го истакнаа недостигот од вакво катче. Ние како општествено одговорно здружение, пристапивме кон реализација, затоа што искрено веруваме дека токму таквите идеи и иницијативи, не само за училиштето и населбата, туку го помагаат и целокупниот развој на општината. Се радувам тоа што млади луѓе со ентузијазам и солидарност се вклучија во реализацијата на оваа позитивна идеја и да ја вратиме насмевката на детските лица. Ова е доказ дека кога сме заедно и сплотени можеме сè, рече Нешковска.

Покрај, чистењето на околината, бојосување на трансформаторот, во дворот поставени се два гола со мрежи, еден столб со кошаркарска табла, направено и е бележење на теренот.

 

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar