НП „Маврово“: Поставен систем за собирање дождовница како дел од проектот „Water Wise Mavrovo“
Гостивар, 9 септември 2025 – Управната зграда на националниот пар „Маврово“ на иновативен начин ќе ја користи дождовницата како дел од проект за ублажување на ефектите од климатските промени. Од скоро во функција е ставен систем со кој ќе се намали потрошувачката на водата за пиење и се штитат природните извори. Водата која се слива од покривот низ олуците ќе се собира во посебен резеровар, ќе се користи како техничка, наместо да се троши питка вода од локалниот водовод.
– Како дел од овие интервенции, на зградата на Национален парк Маврово е поставен и пуштен во функција систем за собирање дождовница – прва ваква иницијатива во рамките на еден национален парк во земјата. Овој систем претставува практично решение за одржливо користење на водните ресурси, но и симбол на нов пристап кон справување со климатските предизвици. Со неговото поставување се намалува потрошувачката на питка вода, се заштитуваат природните извори и се придонесува за зачувување на биодиверзитетот во регионот на Маврово, рекоа од здружението ИГИ.

Поставување на резервоарот за собирање на дождовница
Посебно значење има фактот што оваа активност е реализирана во блиска соработка со Националниот парк Маврово, кој со својата поддршка и интерес за воведување одржливи практики потврдува дека институциите може да бидат двигатели на позитивни промени.
Здружението Иницијатива за граѓански интеграции – ИГИ Гостивар започна да го спроведува проектот „Water Wise Mavrovo“, финансиран од Канадскиот фонд за локални иницијативи (CFLI) при Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, во соработка со Национален парк Маврово.

– Со овој проект чија реализација трае седум месеци се обезбедува едукација на локалната заедници за климатските промени и начините за адаптација и ублажување на нивните ефекти, со акцент на управувањето со водите, наведуваат од ИГИ.
Дополнително, во проектот ќе се имплементираат и пилот-зелени интервенции кои ќе обезбедат заштита на водните ресурси и климатска адаптација, со активно вклучување на жителите, особено жените и младите во планирањето и реализацијата на климатските активности.
Истовремено, оваа акција е јасен пример како зелените решенија можат да донесат долгорочни придобивки и да станат модел за други заедници низ државата.

* Проектот „Water Wise Mavrovo“ е поддржан од канадската амбасада преку Канадскиот фонд за локални иницијативи. Ставовите, наодите, заклучоците или препораките кои произлегуваат од проектот не секогаш ги одразуваат ставовите на финансиерите или нивните влади.
Коментарите се затворени.