КК „Шар Планина“ ги запали моторите, почнаа тренинзите
Гостивар, 20 септември 2025 – Добри вести доаѓаат од новиот кошаркарски клуб „Шар Планина“. По најавите дека во првиот град на Вардар е регистриран нов спортски клуб кој од наесен ќе дебитира во натпреварувачката сезона во кошарка https://radiogostivar.com/11313/ од раководството на клубот нè информира дека започнаа подготовките. Оттаму потврдија дека се завршени формалности за регистрација и се очекува стартот за натпреварување во трета лига под покровителство на КФМ.

– Официјалните подготовки започнаа пред три недели. Екипата работи на кондиционата подготвеност и сè работи според професионална програма која е под надзор на стручниот штаб, наведуваат од раководството на КК „Шар Планина“. Тренерот Славиша Јанески – Цаци состави ростер од 16 играчи. Новина во клубот е веста дека на паркетот ќе биде и Слободан Михајловски – Цобе, но не како играч. Најуспешниот гостиварски „центар“ ќе биде помошник тренер и значително ќе помогне од клупата со советите и во креирање на играта, рекоа за Radio G од клубот.
Составот кој овие три недели работи на воигрување и натпреварувачката форма е следниот: Филип Јакимоски-Капитен, Давор Дојчиновски, Василиј Србиноски, Мартин Оровчанец, Славчо Темелковски, Кристијан Исајлоски, Влатко Спировски, Милош Милошевски, Александар Велјаноски, Ѓорѓески, Кан Шабани, Лука Милошевски, Никита Исајлоски, Антонио Драгутиновски, Владимир Илиевски, Даријан Јованоски и Александар Ристоски.

– Овој состав има амбиции да го внесе клубот во повисок ранг на натпреварување, во втора лига. Поголемиот дел се играчи кои потекнуваат од Гостивар, а дел направија трансфер, а дел се со двојни лиценци, наведуваат од клубот.
Според најавите, новиот третолигаш КК „Шар Планина“ натпреварите како домаќин ќе игра во салата на ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ со стартот на натпреварувачката сезона, од средината на октомври. Раководството на клубот го истакнува ставот околу идејата и намерата да се формира нов клуб:
„КК „Шар Планина“ е проект на група локални ентузијасти, љубители на играта под обрачите. Идејата е искрен обид да се врати жарот за спортот таму каде што отсекогаш припаѓал во најкошаркарскиот град во Македонија. Нашата визија е да изградиме тим кој ќе биде симбол на посветеност, локален дух и сплотеност. Со труд, страст и верба во играта, целиме повисоко, за градот, за кошарката, за заедницата.
Коментарите се затворени.