Бранислав Серафимоски ЗНАМ: Еден советник не може да ги промени работите, но може да зборува гласно – и во Совет и надвор од него
Гостивар, 30 септември 2025 – Носителот на листата на Движење ЗНАМ (За моја Македонија) со кандидати за членови на советот на општина Гостивар, Бранислав Серафимоски со објава на социјалните мрежи ја најави кампањата во која како што наведува, ќе укаже на состојбата во градот и идеите за надминување на проблемите. Серафимоски својот настап во политиката го започна со реторичко прашање за неговиот ангажман. Обраќањето го пренесуваме во целост.

Многу често го добивам прашањето или коментарот:
„Што ти текна со политикава? Гледај си своја работа, не ти треба тоа.“
Но, зошто сите креваме раце од сè? Зошто да не пробаме да направиме да биде подобро? Зошто се однесуваме како да сме гости, привремено тука, а не како да сме во својот дом – место каде што со векови живееле нашите предци, и дом кој подобар треба да го оставиме на нашите деца?
Станавме задоволни со многу малку – апатични и летаргични! Како се случи да не ни пречи: целокупниот смет буквално на секој чекор, тоа што секое парче земја и вода е загадено, што немаме паркови, што зеленилото во градот не се одржува редовно и на пет метри од Вардар имаме жолта трева?
Ни стана нормално патиштата за селата да ги одржуваме сами и да изгледаат како џунгла, да немаме струја при секое невреме, проблемите од пред 30 години во мојата населба сè уште да постојат – поплави при секој пороен дожд, без атмосферска и фекална канализација. Денес починатите ги испраќаме без активна капела – во нешто што наликува на нива, а не на гробишта. Пазариме на нечист бекатон на сред град – што треба да е пазар. Мене овие работи ми пречат. И ќе се обидам во следните две недели да укажам на нив и на многу други. Дали еден советник може да ги промени сите овие работи? Веројатно не. Но може да зборува гласно – и во Совет, и надвор од него. Може да работи на јавната свест и да биде гласот на секој човек, бидејќи сите нè мачат истите работи. А тие што ме знаат добро, знаат дека зборувам доста – и тоа право во центар, реално и без многу политика.
Коментарите се затворени.