Експертите потврдија: Водата од гостиварскиот водовод може да се користи за лична хигиена и миење садови
Гостивар, 27 јули, 2026 – По повеќекратни испитувања на водата во Гостивар, анализите покажуваат дека конечно таа може да се користи како техничка вода, односно за капење и сите останати домаќински потреби, но не и за пиење, ниту пак за подготвување на храна. Оваа информација беше кажана на денешната прес-конференција на централниот кризен штаб во ДЗС. Во водата нема колиформни бактерии, а ќе може да се користи за пиење откако ќе се извршат уште проверки.

Емилија Аневска, раководител на Сектор за санитарна контрола од во скопски Водовод која е ангажирана во Кризниот штаб, посочи дека овие денови стручни екипи биле на терен во општина Гостивар и биле земани примероци од шест локации во градот Гостивар од краен потрошувач.
– Кај сите примероци три дена последователно е забележано отсуство на колиформни бактерии и поради тоа што е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, кај примероците не е констатирано присуство на трихалометани над дозволените граници, рече Аневска.
Добиените резултати, рече Аневска се доставени на Кризниот штаб, а со тоа се доставени и на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како надлежен орган. Таа појасни дека водата исто може да се употребува за техничка употреба, но секако граѓаните да не ја користат за пиење и за готвење.
Како експерт во кризниот штаб, Емилија Аневска, напомна дека следниве денови ќе биде зголемен бројот на мерни места во општина Гостивар и ќе се прави основен преглед согласно Правилникот за вода за пиење, со што со континуиран мониторинг ќе можеме да потврдиме дека водата во следните денови ќе може да биде и за пиење. Според неа ЈП Комуналец од Гостивар се соочува со проблем во процесот на вршење на дезинфекција.
– Во консултација со колегите од секторот за експлоатација и одржување ќе се обидеме во следните неколку денови да се реши и тој дополнителен проблем. Кога процесот на вршење на дезинфекција ќе биде континуиран и нема да има отстапување од оние нормални вредности коишто треба да се очекувани за да се добие санитарно исправна и безбедна вода, прво ќе го известиме Кризниот штаб, а потоа Кризниот штаб ќе испрати известување и до вас и граѓаните, Генерално има проблем со целиот систем, со начинот на вршење дезинфекција. Не е доволен и со недоволен капацитет. Во следниве неколку денови ќе се обидеме да го решиме и тој проблем, рече Аневска.

На новинарско прашање кога водата од гостиварскиот водовод ќе биде употреблива за пиење, таа рече дека не може да прејудицира, но дека со дополнителните мерења се очекуваат резултати за кои јавноста ќе биде информирана.
Околу користењето и употреба на водата, Аневска напомна дека водата може да се користи за миење на прибор за јадење, чинии и чаши.
– Граѓаните и угостителите може да ја користат, затоа што во сите примероци последователно три дена нема присуство на колиформни бактерии во ниту еден примерок од земените.

згм
Коментарите се затворени.