Мицкоски: Таравари е идниот градоначалник на Гостивар

Гостивар, 2 октомври 2021 (МИА) Да се гласа за Арбен Таравари и листата на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи тоа му е потребно и на Гостивар и на Македонија, порача Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Гостивар.

– Да го поддржиме Арбен Таравари, бидејќи има визија за модерен Гостивар, град за сите гостиварци, град кој е пример за сите останати. Кога јас би бил гостиварец, нема да имам никаква дилема, дека иден градоначалник е Арбен Таравари. Крајот на власта се ближи, а граѓаните на овие избори ќе излезат и ќе изберат нова иднина, нагласи Мицкоски.

Во обраќањето на предизборниот митинг во Гостивар тој оцени дека Македонија денес е најкорумпираната држава во Европа. Според него, државата ја водат политичари криминалци во Владата и како што нагласи, тоа е наш колективен срам.

Зборувајќи за важноста од овие избори, Мицкоски додаде дека шансата за да се промени тој срам е 17-ти октомври, а вината ја посочи во актуелната власт

– Во една работа признавам дека се најдобри, најдобри се во крадење и лажење, тука им нема рамен, ама проблемот е што додека тие крадат и лажат тоне Македонија, тонеме и ние со нив. Македонија денес за жал е најкорумпираната држава во Европа. Држава којашто ја водат политичари криминалци во Владата, тоа е наш колективен срам“, рече Мицкоски.

Мицкоски ги повика гостиварци да гласаат за кандидатот за градоначалник од редовите на коалицијата Алијанса за албанците и Алтернатива и побара нивна поддршка.

згм

Коментарите се затворени.