Перо Пандилоски со нова песна, радио промоција во недела на пладне
Гостивар, 11 декември 2021 Кавер верзијата на „Една љубов има“ е новиот сингл на Перо Пандилоски. Радијската промоција ќе биде во недела (12 декември 2021) во 12:00 часот на Radio G на фреквенцијата 106,4 и онлајн на сајтот www.radiogostivar.com.
Од понеделник оваа песна ќе се слуша во два термини (9:00 и 16:00 часот) во емисијата „Ја Ја“ музичко катче за промоција на гостиварски автори.
Перо, деновиве е отсутен од естрадната сцена и се наоѓа во Германија, но тоа не беше пречка да поразговараме за новиот сингл. Тој беше љубезен, одговори на некои прашања и сподели детали врзани за новата песна
Radio G: Како се роди идејата токму за оваа песна
Перо: За време на корона-карантинот кој се случуваше минатата година (или кога беше..? хахаха) ние музичарите имавме невообичаено премногу слободно време, а јас истовремено бев емоционално испразнет. Немаше живи настапи, гостувања во емисии, едноставно се прекина онаа размена на енергија. Па така, се размислува за музика и околу музика.
Radio G: Новиот сингл „Една љубов имам“ всушност е песна која ја отпеа и сними Ѓоко Танески. Зошто кавер, а не нова авторска?
Перо: Да, Ѓоко ја отпеа, а инаку е Николче Мицевски е автор. Уште на почетокот кога ја слушнав на радио, ми стана омилена. Има посебен дух, посебна енергија. Го има оној македонски мелос преточен во убава љубовна мелодија.
Перо: Многу едноставно настана песната, во консултација со Даниел Јовески (со кој се познавам и сум во редовна комуникација од почетокот на мојата кариерата, речиси 12 години). За среќа во тој период го начекав слободен и желен за креација, па се договоривме да снимаме кавер. Почна од кавер, но прејде во реобработка на песната. Тој го отсвири пијаното, а вокалот се снимаше во студиото на Игор Шарески. Во меѓувреме ги консултирав Ѓоко и Николче Мицески и дали ќе ми дозволат да ја користам песната. На двајцата им падна драго за мојата идеја и добив зелено светло за нејзино снимање и објавување.
Radio G: По некое непишано правило, нов сингл повлекува и видеоспот. Каков е планот
Перо: За жал иако беше превидено да се работи спот со Даниел Јовески, сепак работните обврски на двајцата досега не ни го дозволија тоа. За некој ден ќе ја објавам на Јутјуб со текст, а наскоро ќе се врти и по радиостаниците.
Перо Пандилоски се појави на сцената во 2010 година. Првиот позначаен настап го имаше на Охрид Фест кога освои прво место од публика. Оттогаш не се појавувал на фестивали, но настапуваше и снимаше интензивно. Во меѓувреме собра доволно материјал за албум, но пандемијата му ги измести плановите. Соработувал со повеќе композитори, а публиката го препознава по песните „Соло“, „Неверна“, „Драма“, „Имав само еден сон“, Летна тајна“
Коментарите се затворени.