Со песна против војна: Дајте му шанса на мирот (Give Peace a Chance)… 1

Гостивар, 25 февруари 2022 Во историјата на популарната музика забележани се многу песни кои содржат антивоена порака и повикувале на прекин на воените дејствија. Реално, песната не можела против силата на оружјето, но влевала оптимизам дека лудилото ќе престане.

На почетокот од едно такво разорно и ирационално делување ќе се огласиме за да му се даде шанса на мирот. Во серија, секој ден до конечниот крај на оваа војна на истокот во Украина, ќе објавуваме по една песна која носи мирољубива порака. Песните ќе се пуштаат на 106,4 и онлајн во 12:00 часот. Тука, на веб страницата на Radio G, ќе надополнуваме и по нешто поврзано за песната и пораката во неа.

Оваа е првата објава во серијалот „Со песна против војна“.

Give Peace a Chance е песна напишана од Џон Ленон во Монтреал, Канада (оригинално потпишана како дело на Ленон-МекКартни) и издадена како сингл во 1969 година од Plastic Ono Band за Apple Records во САД.

Ленон ја напишал песната во 1969 година кога тој и Јоко Оно, протестирајќи против војната, поминале осум дена во кревет во собата 1742 во хотелот Квин Елизабет во Монтреал.

Освен содржината и пораката, оваа песна е значајна за музичката историја и по тоа дека е првиот соло сингл на Ленон, иако сè уште е официјален член на Битлси. Набрзо таа стана химна на Американското движење за мир за време на Виетнамската војна во 1970 година.

Коментарите се затворени.