Тумбао салса бенд сними песна за охридски Канео (ВИДЕО)
Гостивар, 2 август 2022 Музичкиот состав Тумбао Салса Бенд од вчера има нов сингл и видео кое е своевидна разгледница од Охрид. Темата носи наслов „Triple love for Kaneo“ и ќе биде обид за пробив на музичките платформи со латино музика.
– Ова е новата песна на Тумбао Салса Бенд. Песната „Triple love for Kaneo“ содржи два македонски збора „црвено вино“ и „Канео“ во Охрид кои даваат значење за Македонија.
Наменета е за музичките платформи со стриминг сервис за Латинска Америка а во себе ја носи разгледницата за Охрид, појаснува Петар Ренџов на неговиот профил на Facebook, а за реализацијата на видеозаписот и досегашната поддршка Ренџов им заблагодари на – InTec System.
Новата песна е направена во аранжман што лесно се вклопува во летната шема и и ја дополнува со „позитивен вајб“, па Ренџов ќе каже:
– Латино ритмовите содржат синкопи и акценти кои повикуваат на игра, ведрина и добро расположение, кое на сите нас во последно време ни фали.
Видео записот за песната го направи екипата Dream Factory Macedonia&TulipPro, предводена од познатиот режисер Илија Пиперкоски.
Преслушувањето на новиот сингл „Triple love for Kaneo“ е закажано за 13:00 часот во сегментот „За прв пат на радио“ на Radio G (106,4). Во меѓувреме погледнете го видеото
Последниот поголем проект на Петар Ренџов беше албумското издание „Jazzilka“, од крајот на 2018-та. Како изведувач е учесник во преку 20 музички проекти на познатите интерпретатори на забавна музика. Водител на „Котон Клуб“, емисија за блуз и џез-музика и автор на три музички ЦД проекти: „Сонот на невестата“ (2005), „Темјаника“ (2009), „Бела Салсита-Тумбао салса бенд“ (2014).
Коментарите се затворени.