Игимен сними нова песна, како најава за албумот во чест на татко му

Гостивар, 24 февруари 2023 Игимен ни подари нова песна која веќе се врти на 106,4 (Radio G) и за кусо време наиде на убав прием кај слушателите. Не е ни чудо со оглед дека во новата песна „Мисла од свила“ пее и Пијан славеј, но покрај мелодичноста и звукот, таа има интересна приказна.

Игор Станоевски, алијас Игимен кој е познат како сестран артист (ликовен уметник, гитарист, композитор) новата песна ја подготви за радио промоција, а со најавата го привлече и вниманието, бидејќи се поврзува со неговите семејни корени.

– Станува збор за наследена песна од татко ми за која напишав текст, а гостува вокалистот Бранислав Николов од „Фолтин“. Оваа песна е снимена во „Студио Алшар“. Тонмајстор е Ивица Јанкуловски со кого ја делиме и продукцијата на песната. Се појавуваат Дарко Мучев Мучо на бас и Бодин Попов на тапани, додека гитарите ги свирам јас, во насока и стилот на татко со цел да го доловам неговиот тон, вели Игор.

Интересно е што песната датира од крајот на 70-тите или почетокот на 80-тите години и е дел од оставината со песни кои ги наследил од својот татко, познатиот музичар и новинар Петар Станоевски.

– Со неа сакам да го најавам претстојниот албум „Unforgetable You“ посветен на татко ми. Албумот е завршен минатата година. Меѓутоа мислам дека му недостигаше песна на македонски јазик, покрај неколкуте теми на англиски јазик, како и инструменталните композиции кои доминираат на албумот, вели Игор во најавата за албумот.

Петар или Перо Пешак како што го знаеја во скопските музички кругови, беше новинар и уредник во дневниот весник „Вечер“. Важеше за гитарист, посветен на рокенролот и блузот. Тој беше дел од дуото „Ловци на бисери“, со кои своевремено издадоа албум.

Коментарите се затворени.