Интервју: Сара Ѓорѓијоска добитничка на ГРАН ПРИ на МПФ „Литературни искри“

САРА ЃОРЃИЈОСКА е родена на 19-ти март, 1999 година во Куманово, дипломиран економист и диполомиран професор по македонска книжевност и култура. Активно пишува поезија и проза од својата 12-та година и зад себе има траг од стихови – сведоци за растењето. Во 2013 година ја објавува својата прва стихозбирка насловена “Тајнопис“. Една година подоцна од печат излегува нејзината втора стихозбирка “Кога ноќта го допираше срцето“, а во 2016 ја објавува својата засега последна стихозбирка – “Трансцендентност“. Има повеќе награди за нејзините поетски достигнувања и забележителни настапи . Таа е финалистка и добитничка на наградата „Најмлада поетска искра“ на поетскиот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар во 2016 година. Во годините кои следат таа би сакала да продолжи да расте и да создава, да ги овековечува убавите моменти со стихови, да му се радува на животот и на она кое го прави животот убав – уметноста.

Како се чувствувате откако ја освоивте престижната награда на јубилејното издание на поетскиот фестивал „Литературни искри“?

Сара Ѓорѓиоска: Мислам дека сé уште ме држи фестивалската еуфорија и уште долго ќе бидам под импресии. Ми беше чест што воопшто бев присутна меѓу такви виртуози на зборот, а честта за наградата тешко може да се опише.

Што претставува за Вас оваа награда и кои се вашите впечатоци од фестивалот?

С.Ѓ.  Фестивалот беше беспрекорно организиран, како што е и години наназад. Особено ме радува интернационалната димензија, што сметам дека е исклучително важна за промовирање и етаблирање на македонската книжевност во земјава и во странство. Што се однесува до наградата, оваа награда ќе ми остане најдрага од сите досегашни, затоа што претставува еден полн круг од првиот пат кога учествував на фестивалот како Најмлада поетска искра. Поетските искри брзо стануваат оган, кој се надевам дека ќе гори уште долго.

Кој е вашиот поетски идентитет и на што се фокусирате во вашите песни?

С.Ѓ.  Песните доаѓаат сами од себе, така што немам простор свесно да се фокусирам на нешто специфично во моментот на творење, но по исчитувањето секогаш проверувам дали песната е значенски слоевита или суштински празна, бидејќи повеќедимензионалноста ми е важна во творењето.

Кои беа вашите инспирации при создавањето на највисоко оценетата песна што ви ја донесе највисоката награда на „Литературни искри“?

С.Ѓ.  Инспирација ми е секогаш интроспекцијата, па така и за оваа песна. Песната говори за иницијацијата на една мисла во реченица, како на една девојка во жена. Поаѓаме од статична точка која вибрира и собира, за потоа нешто да ѝ даде правец и движење и да стане едноставна мисла, па ја храниме и раснеме мислата дур не е доволно храбра да биде изустена. Кога ќе излезе во етерот мислата ќе стане реченица и ќе бара сродни реченици. Така и ние, луѓето.

Кои се вашите планови и амбиции во поглед на вашата поетска кариера откако ја освоивте оваа награда?

С.Ѓ.  Се надевам дека ќе имам можност да продолжам да творам, надежно и на други јазици. Би ми било драго македонската поезија да биде преведувана и читана во странство, бидејќи нашиот јазик има специфичен поетски мелос кој заслужува интернационално внимание.

Кои се вашите омилени теми или мотиви што ги искажувате во вашите песни?

С.Ѓ.  Уште од тинејџерските денови преовладува љубовниот мотив, бидејќи сé уште немам сретнато покомплексна емоција од љубовта. Во скоро време, се обидувам да пронајдам паралела помеѓу метафизичкиот свет и поезијата, па затоа темите се главно егзистенцијални.

Кои се вашите најголеми поетски идоли и како влијаат на вашето творење?

С.Ѓ.  Имаме богата ризница од наши македонски брилијантни поети, од кои ќе го издвојам Петре М. Андреевски, ненадминлив великан на современиот македонски стих. Во детството бев фасцинирана од Прешерн и под негово влијание долго време се задржав на пишувањето сонети, додека не се сретнав со Дениција и не открив дека понекогаш слободниот стих појасно ги отсликува контурите на душата. 

подготви: Слаѓана Брезовска

Коментарите се затворени.