Средно медицинско доби сет нагледни средства преку „Генерација за промени – млади лидери од Полог”

Гостивар, 27 јуни 2023 – Средното медицинско училиште доби сет нагледни средства преку соработката со АДИ (асоцијација за демократски иницијативи) и учениците на проект посветен на младите. Тие заедно работеа на зголемување на нивниот активизам и да придонесат во решавање на проблемите кои ги засегаат и се од интерес на младите.

Од АДИ информираа дека набавениот сет од модели на човековото тело ќе ја олесни наставата и практичната работа во училиштето.

– Младите од Гостивар за време на неколкуте работилници, го потенцираа проблемот на недостаток од нагледни средства во средното медицинско училиште при организирањето на практична настава. Набавката на нагледните средства е заслуга на учениците коишто беа активни, ги идентификуваа проблемите и се залагаа за унапредување на наставата со современи средства, рече Љуљзим Хазири, извршен директор на АДИ.

Јетон Сулејмани, директорот на средното медицинско смета дека соработката на училиштето со сите чинители во заедницата може да помогне во унапредување на практичната работа на учениците во ова училиште, што се докажува од овој пример.

Набавката на нагледните средства беше реализирана како дел од проектот „Генерација за промени – млади лидери од Полог“ кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“ финансиран од ЕУ, а спроведуван од Коалиција на младински организации СЕГА.

Коментарите се затворени.