„Утрото по крајот на светот“ најнова збрика поезија на Дејан Крстески
Гостивар, 27 јуни 2023 Поетот и писател Дејан Крстески издаде уште едно дело, шесто по ред кое деновиве излезе од печат. Најновото печатено издание е збирка поезија со наслов „Утрото по крајот на светот“ . Во неа авторот смести 45 песни кои обединуваат едно пошироко тематско шаренило.
Во рецензијата за збирката, Ирена Павлова Де Одорико меѓу другото наведува:
„Во поезијата на Крстески, постои една константа на исповед, на еден пригушен крик среде егзистенцијалниот вакуум. Тој е како воскреснатиот Лазар, кој ги лечи раните со бескомпромисното именување на падот на векот и светот. Но, на терезијата како противтежа ја додава љубовта. Лирското меѓу две острења на ножот во неговите песни… “
Во освртот за новото дело на Крстески се наведува дека песните од оваа книга, исцртуваат маркантен профил на меланхолијата, потцртана со флуоресцентни бои.
Збирката поезија „Утрото по крајот на светот“ е самостојно издание на авторот и наскоро се очекува да биде промовирано пред пошироката публика.
Дејан Крстески дебитира на книжевната сцена со збирката раскази Поглед кон небото (2014). Збирката поезија Луѓе без лице (2015) е негово второ дело, со кое ја освојува наградата „Книжевен светилник“. По нив следуваат збирката раскази Чист хероин (2018) и збирката поезија Херои од хартија (2019). Романот Атласот на тајните (2021) е негово петто остварување кое беше прогласено за едно од најуспешните на конкурсот за роман на годината „Славко Јаневски“ во 2022 година.
Добитник е на бројни литературни награди и признанија, меѓу кои наградата за една од најчитаните книги во 2017 година од страна на Македоника и УНЕСКО за збирката Луѓе без лице, а песната „Последната книга“ беше избрана за една од најуспешните творби по повод „Ден на читателот“ од страна на НУБ „Св. Климент Охридски“ – 2017. Тој е еден од финалистите на меѓународниот фестивал Литературни искри – 2019. На интернационалниот поетски фестивал „Мелнички вечери на поезијата 2020“ освоил прво место.
Коментарите се затворени.