Тамара Волческа со нов сингл: „Место од спомени“ како времеплов на нашите сеќавања (ВИДЕО)

Гостивар, 12 јули 2023 – Тамара Волческа денес во 12:00 часот на нејзиниот youtube канал ќе ја претстави новата песна и видеоспот. Радиската промоција на овој сингл ќе биде пет минути подоцна односно во 12:05 часот во сегментот „За прв пат на радио“ на 106,4 Radio G.

Станува збор за тема со наслов „Место од спомени“ која како што вели, е своевиден времеплов на сеќавањата од минатото, копнеж и недостиг кон нашите корени, места каде што сме пораснале и луѓе кои веќе не се покрај нас.

Новиот сингл е отпеан на македонски јазик за која текстот го напиша Тамара. Како автор на текстот, во најновото дело, таа праќа порака да бидеме благодарни за она што го имаме денес и со радост да се сеќаваме на она што поминало.

– Место од спомени може да биде човек, чувство, клупа, дрво, баба, дедо и сè она што нѝ буди топлина и љубов. Целта беше да ја претставиме песната и текстот на едноставен начин, со детски џагор, детски насмевки и хоризонтала на повеќе генерации, малечко бебе, среќно семејство, бабичка со своите внуци и повторно истата приказна во денешно време каде се рецитираат длабоки стихови за недостиг: „некој се сеќава, на некој недостасува, некој копнее по нечија прегратка, нечија насмевка, која веќе ја нема, за она место, кога бевме деца, вели Тамара

Автор на музика е Весна Малинова, а аранжманот го направи Дарко Тасев. Зад видеозаписот стои Петар Тутунџиев.

Новата песна која претендира да биде „македонски евергрин“, а има и интересна историја:

– Место од спомени“ ја напишав за прекратко време, за само десетина минути, додека Весна спонтано свиреше на клавир и ме водеше низ атмосферата за креирање. Оваа песна ја пријавивме за Макфест 2023, но за жал бевме одбиени. Се надевам дека „Место од спомени“ ќе допре до сите и ќе биде пренесувана од генерација на генерација бидејќи имам чувство дека сепак постои надеж да ги зачуваме вистинските вредности на нашата музика и покрај новите трендови.

Новата песна може да се погледне и види тука:

Коментарите се затворени.