Тамара Грујеска има спот за песната „Кажи ми, кажи ми кој/Tell me who“ (ВИДЕО)

Гостивар, 18 октомври 2023 – Тамара Грујеска и нејзиниот тим ги привршуваат подготовките за настап на детската Евровизија. Во понеделникот вечерта, официјално беше промовиран спотот за песната „Кажи ми, кажи ми кој“ (Tell me who) со која македонската претставничка ќе настапи  во Ница Франција.

 

По овој повод, во „ЗА ПРВ ПАТ НА РАДИО“ музичкиот сегмент за промоција на нови дискографски изданија, денес (18 октомври) во 13:00 часот (премиерно) и во 16:30 часот (реприза) на 106,4 Radio G и онлајн плаформите ќе го емитуваме новиот сингл.

За новата песна, Тамара искажа задоволство од поддршката и во најавата за промоцијата напиша:

– Со огромно задоволство ви ја претставувам „Кажи ми, кажи ми кој” (Tell me who), песната со која достоинствено и гордо ќе ја претставам Македонија на Јуниорскиот Евросонг. Голема благодарност до Македонската-радио телевизија Eurovision Macedonia, Роберт Билбилов, Дарко Димитров, за прекрасната песна, благодарност до Огнен Шапковски за уникатниот спот. Ива и Ангелина KTN Clothing за изгледот, Makeup Studio Sim Saltirova за шминка и сите останати кои неуморно работеа и се’ уште работат за македонското претставување во Ница!

На песната изминатиов период работеа: Роберт Билбилов и Коста Петров (текст), а за музичката форма и продукцијата се погрижија Билбилов и Дарко Димитров. Во снимањето на песната придонес има и Гоце Димовски, еден од најдобрите инструменталисти на кавал и зурла.

Инаку за потсетување, во тимот на Тамара има уште две гостиварки Ива и Ангелина Китаноски од KTN Clothing  кои изминатиов период несебично и посветено ја поддржуваат на најзините настапи.

Тамара е родена на 2 декември 2010 година во Гостивар. Почетоците во светот на музиката ги прави на пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и во странство. Музичката критика ја опишува како уникатна и бестрашна во вокалниот израз и талент пред кој е блескава кариера. Препознатлива е по моќните изведби и својот неверојатен вокал, кој освојува и никого не го остава рамнодушен. Доказ за тоа се и големиот број на награди кој ги освојува, не само во Македонија туку и на интернационални натпревари.

Коментарите се затворени.