Нов албум: Nash & The Roosters со џипси-џез обработки на Шабан Бајрамовиќ

Гостивар, 9 ноември 2023 – Едно од последните изданија на најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records насловено како „Last Prayer“ е албум со девет песни на македонскиот состав Nesh & The Roosters. Музиката за повеќето композиции е дело на легендарниот пејач на ромски песни, Шабан Бајрамовиќ. Неш ги напишал стиховите и ги обработил на свој начин и се обидел да обедини неколку музички стилови во неговиот препознатлив музички потпис. Наскоро во соработка со нашите пријатели Croatia Records Macedonia, овој материјал ќе го слушаме и на 106,4 Radio G.

„Last Prayer“ е албум што Неш го сними во студиа ширум светот: Торонто, Фиренца, Дубровник и Скопје. Во секој сегмент од продукцијата и звукот, целиот албум звучи професионално и целосно свежо. Албумот е сниман со внимателно одбрани инструменти и пеење на англиски јазик, а песните на албумот звучат искрено и спонтано, па така слушателите се чувствуваат речиси како да се дел од бендот што свири за нив.

Покрај неговиот глас со голема доза на квалитет и знаење, Неш во аранжманите вметнал кларинет, гитари, разни ударни инструменти. Една од композициите на новиот албум „Macedonian“ е традиционално македонско оро во седум-осмински ритам. Nash & The Roosters ја аранжираа оваа песна во џипси џез и создадоа мелодија во музичка магија.

Пoкрај оваа, на албумот се и незаборавната „Sila Kale Bal“ на Шабан Бајрамовиќ. Во изведбата и аранжманот на Неш звучи сосема поинаку од оригиналот и има рок призвук заради електричната гитара. Една од најпознатите традиционални ромски песни „Dema Devla“ на прво слушање ја крева публиката на нозе и ја постигнува целта – удира во срце.

„Last Prayer“ е албум наменет за публиката од целиот регион, па и многу пошироко. Љубителите на ромскиот и етно џезот ќе уживаат додека го слушаат – порачуваат од Croatia Records.

Коментарите се затворени.