Наташа Миха сними нова песна: „Инферно“ од утре во етер

Гостивар, 26 февруари 2024 – Една година од објавувањето на албумот „10 Љубови“, Наташа Миха се врати на музичката сцена со нова песна. „Инферно“ е насловот на новото дело на Наташа, во кое доминира нејзиниот оригинален и препознатлив стил и вокален наратив. Новиот сингл официјално ќе биде промовиран утре (27.02.2024) во 18:00 часот заедно со видеозапис.

https://www.facebook.com/reel/1757239558103412

Наташа за Radio G одговори на неколку прашања околу новата песна. За инспирацијата за „Инферно“ вели дека лежи во музиката од 90-тите и е своевиден збир на нејзините музички интереси.

– Оние кои ме познаваат, знаат дека сакам да си играм и експериментирам со жанрови. Тоа е мојот печат. Кога бев дете, слушав различни стилови. Подоцна, во тинејџерските денови, иако ја изучував класичната музика, топ-листите на MTV Music и VH1 беа мојата музичка лектира. Од тука се навлеков на поп, рок и електронска музика, и од тоа време во себе носам песни и албуми на артисти кои се длабоко врежани во моето битие и рефлектираат во она што сум денес. Па така, Инферно е еден убав сублимат на сè што сум, вели Миха.

Како дел од тандемот во кој е и Дамир Пух и новата песна е музички квалитетна н уникатна музика. Како автори на музиката за „Инферно“ се потпишуваат и двајцата, текстот е на Наташа, а аранжманот на Дамир. Миксот и мастерингот се на Дамир, а продукцијата е целосно реализирана во GreenRoom Sound студио во Скопје.

– Со Дамир, заедно, посветивме голем дел од времето во дефинирање на деталите на „Инферно“. Променлива ритмичка структура, инструментални слоеви и боења со звучни ефекти, па се до виртуозните вокални делници, кои не ја нарушуваат естетиката на песната, појаснува Миха.

Со радијската промоција пошироката јавност ќе може да го види и видеозаписот на песната. Спотот го изработи Горан Симјановски и тој се базира на визуелната замисла уште од моментот на поставувањето на демото на песната.

– Со Горан уште на првиот состанок се согласивме околу идејата за спотот и која е насоката на естетиката во којашто треба да се движиме. Целиот тој процес на осмислување на аутфити, поделбата на сцени, како и енергијата која треба да се донесе пред камерите ми претставуваше вистинско уживање, вели Наташа и појаснува дека мачето Луи кое се појавува во спотот е непланирана и спонтана сцена која се вклопува во карактерот на пејачката која многу сака мачки.

Коментарите се затворени.