Овој викенд се игра завршницата на „Gostivar Street Basketball 2026“!
Гостивар, 19 јуни, 2026 – Првиот град на Вардар, изминативе денови пулсира во ритамот на кошарката. Најинтересно ќе биде претстојниов викенд кога се играат завршните натпревари. По повеќе од две децении чекање, возбудата на уличниот баскет го достигнува својот врв. Овој викенд (20 и 21 јуни), на целосно обновеното игралиште во дворот на ОСТУ „Гостивар“, ќе се одиграат завршните и клучни натпревари од турнирот „Gostivar Street Basketball 2026“. Па така според неколкумина кои редовно ги следеа натпреварите по групи, ова не е само обичен спортски спортски настан, туку кулминација на еден голем камбек.

По пауза од цели 23 години, уличната кошарка се врати таму каде што последен пат се играше во далечната 2003 година (тогаш на терените на ДТВ Партизан), благодарение на група локални ентузијасти кои успеаја да ја разбудат спортската магија во градот.
По интензивните натпревари во групи кои започнаа на 15 јуни, станува појасно кој ќе бидат во финалните натпревари. Најдобрите екипи од вкупно 12-те пријавени тимови од Гостивар, Тетово и поширокиот регион, викендов ќе се борат за престижниот трофеј.

Организаторите најавуваат вистински кошаркарски и забавен спектакл:
Сабота (20 јуни): На програмата се полуфиналните пресметки. Ова е денот кога нијанси ќе одлучуваат кој ќе обезбеди билет за големата завршница.
Недела (21 јуни) – Ден за историја: Големото финале и натпреварот за третото место. Трибините се очекува да бидат исполнети до последното место.
Недела е резервирана и за финалињата во најатрактивните дисциплини:
– 3 Point Contest (натпревар во шутирање тројки) и
– експлозивниот Dunk Contest (натпревар во забивање), каде играчите ќе го покажат својот индивидуален раскош.

За атмосферата надвор од теренот за време на полуфиналната и финалната вечер да биде на највисоко ниво, задолжен ќе биде познатиот DJ Kicho, кој со својот сет ќе се погрижи завршницата да прерасне во незаборавна забава под отворено небо.
„Нашата цел не беше само да организираме турнир, туку повторно да ја вратиме традицијата на уличната кошарка во Гостивар и да создадеме настан кој ќе стане препознатлив белег на градот. Фактот што по повеќе од две децении успеавме да собереме 12 екипи и голем број поддржувачи покажува дека Гостивар сè уште живее за кошарката“, со гордост истакнуваат организаторите.
Натпреварите во сабота и недела започнуваат од 18:00 часот. Организаторите ги повикуваат сите гостиварци, но и љубители на кошарката од целиот регион, да дојдат во дворот на ОСТУ „Гостивар“ (средно техничко), и заедно да ја прослават оваа убава спортска традиција.

За сите тековни информации, резултати и точен распоред на натпреварите, можете да го заследите нивниот официјален Instagram профил: @gsb_gostivar_street_basketball.
а тука и да погледнете и повеќе во фото – галеријата
https://www.facebook.com/profile.php?id=61589723639604

Коментарите се затворени.