Одбележан 7-ми Мај денот на македонската полиција
Гостивар, 7 мај 2026 (МИА) – Со пригодни настани и активности Во Тетово и Гостивар, СВР Тетово денес го одбележа 7- ми Мај – Денот на македонската полиција. Ова беше уште една можност да потврди посветеноста кон транспарентноста и градењето цврсти врски со заедницата.
Владееше голем интерес кај младите и демонстрација на подготвеност во дворовите на ОСМУ „Никола Штејн“ во Тетово и ОСУ „Гимназија“ во Гостивар. Полициските службеници презентираа дел од современиот арсенал на материјално-технички средства. Посетителите, меѓу кои најбројни беа учениците и младите, имаа можност да ја разгледаат модерната опрема и специјалните возила на полицијата, да се запознаат со методите на криминалистичката техника и форензиката, да поразговараат директно со полициските службеници за секојдневните предизвици на професијата.

Настаните поминаа во пријателска атмосфера, при што беше потенцирано дека безбедноста е заедничка одговорност. СВР Тетово упати благодарност до граѓаните за нивниот одзив, нагласувајќи дека ваквите средби се клучни за јакнење на довербата.
Денешните активности покажаа дека граѓаните ја препознаваат полицијата како свој заштитник и партнер. Посебно нè радува интересот на младите, бидејќи преку едукација и отворен пристап градиме генерации кои ги почитуваат вредностите на редот и безбедноста.

Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со своите редовни активности за зачувување на јавниот ред и мир, останувајќи транспарентна и сервисно ориентирана институција во служба на сите граѓани.

Коментарите се затворени.