По 23 години уличната кошарка се врати – „Street Kings“ се новите кралеви на баскетот!
ГОСТИВАР, 22 јуни 2026 – Изминатиов викенд Гостивар пулсираше во ритамот на кошарката. Целосно обновеното игралиште во дворот на ОСТУ „Гостивар“ беше центар на спортскиот живот. Таму, под отоврено небо се одигра завршницата на турнирот „Gostivar Street Basketball 2026“.
Според интересот, овој настан не беше само обичен кошаркарски турнир, туку кулминација на еден голем камбек. По пауза од повеќе од две децении (последниот ваков турнир се играше во далечната 2003 година на терените на ДТВ Партизан), група локални ентузијасти успеаја да ја разбудат спортската магија и да го вратат уличниот баскет во градот.

Жестока борба на теренот и преполни трибини
На турнирот, кој започна со групната фаза на 15 јуни, учествуваа вкупно 12 екипи од Гостивар, Тетово и поширокиот регион. Сепак, неделната вечер донесе вистинска кошаркарска треска, исполнети трибини и натпревари во кои нијанси го одлучуваа конечниот пласман. Екипата на „Street Kings“ покажа најдобра игра, доминација во клучните моменти и заслужено се закити со шампионскиот пехар, оправдувајќи го своето моќно име. Во големото финале тие успеаја да го совладаат одличниот состав на „Сим Фил“, кој мораше да се задоволи со среброто по извонредниот турнир.
Борбата за третото место ја одбележа уште еден фантастичен дуел во кој екипата „Игор Билески“ покажа повеќе карактер во завршницата, победувајќи ги борбените кошаркари од „KK Police“, кои го зазедоа четвртото место на овој силен турнир.
Конечен пласман на „Gostivar Street Basketball 2026“

Марко Анастасијески е „кралот“ на тројките
Покрај возбудувањата во тимскиот дел, огромен интерес предизвика и натпревар во брзо шутирање од линијата за три поени (3 Point Contest). Во исклучително силна конкуренција и под голем притисок од преполните трибини, кошаркарите покажаа мирна рака. Најпрецизен беше Марко Анастасијески, кој ја освои првата позиција и го понесе епитетот најдобар стрелец. Веднаш зад него, на второто место се пласираше Мартин Ѓорѓиоски, додека како третопласиран заврши Александар Николоски.

Најдобар стрелец беше Мартин Ѓорѓиоски со вкупно постигнати 72 поени, а за најдобар млад играч беше прогласен Кузман Гаврилоски.

Забава под отворено небо и најава за нова традиција
За ритамот и одличната енергија надвор од теренот во текот на целиот викенд се погрижи познатиот DJ Kicho. Со својот музички сет, тој придонесе завршницата на турнирот да прерасне во незаборавна забава под open-air атмосфера, привлекувајќи огромен број граѓани од сите генерации. Со одлична организација, фер-плеј игра и неверојатна поддршка од трибините, Гостивар покажа дека е гладен за вакви спортски манифестации. Организаторите упатија голема благодарност до сите учесници, спонзори и до публиката, ветувајќи дека ова е само почеток и дека „Gostivar Street Basketball“ повторно станува традиција која ќе го обележува секое гостиварско лето.
Коментарите се затворени.