Четврто издание на МТБ Маврово: Над 200 велосипедисти возеа и уживаа во природните убавини на НП „Маврово“
Гостивар, 8 јуни, 2026 – Над двесте велосипедисти и љубители на природата, вчера (недела) уживаа во прекрасниот амбиент на Националниот парк Маврово. Тие беа дел од успешно реализираното четвртото издание на велосипедската тура „МТБ Маврово.Настанот, во организација на гостиварските „маунтбајкери“ ГВ МТБ Клуб, уште еднаш потврди дека претставува еден од најатрактивните рекреативни велосипедски настани во земјата, нудејќи единствена можност за спорт, дружење и уживање во некои од највпечатливите природни пејзажи што ги нуди Македонија.

Учесниците возеа покрај мирните води на Мавровското Езеро, низ раскошните зелени шуми на НП Маврово и преку пространите галички пасишта, од каде се отвораат спектакуларни панорамски погледи кон езерото, Бистра и околните планински масиви. Богатото зеленило, чистиот планински воздух, бројните потоци и вирови, како и недопрената природа, создадоа амбиент кој многумина го опишаа како едно од најубавите велосипедски доживувања во државата.
– Покрај рекреативниот и спортскиот карактер, турата носи и силна порака за значењето на активниот начин на живот, престојот во природа и грижата за животната средина. Токму спојот на спортот и природата е она што го прави МТБ Маврово препознатлив и сè попопуларен меѓу велосипедистите од целата земја, рекоа организаторите. Во разговорот по одржаната тура од ГВ МТБ Клуб, истакнуваат дека нивната визија е преку вакви настани да се поттикне развојот на велосипедизмот, рекреацијата и активниот туризам, но и да се промовираат природните богатства со кои располага Македонија.

Со секое ново издание, МТБ Маврово привлекува сè поголем број учесници и се етаблира како настан кој успешно ги обединува љубителите на спортот, природата и авантурата, претворајќи го Маврово во вистинска велосипедска оаза и едно од најпосакуваните места за рекреација на отворено.
Коментарите се затворени.