Словачки компании разгледуваат можности за соработка со општина Гостивар
Гостивар, 28 мај 2021 (МИА) Претставници на компании од Словачка остварија средба со раководството на гостиварската самоуправа на која беа разгледани можностите за воведување на напредни технологии во јавното осветлување и користењето на електро полначи.
Делегацијата од Словачка Република ја предводеше Роберт Кирнаг поранешниот амбасадор на оваа земја во Македонија, кој во оваа прилика напомена дека иако не е на таа функција сè уште одржува пријателски врски со Македонија.
– Овој пат во Гостивар дојдов со претставници на компаниите SEAK и MONTIN чија дејност се производство и инсталација на напредните технологии кои се користат за јавно осветлување, полначи на електрични автомобили и слично. На средбата ќе ги разгледаме можностите за воведување на ваквата технологија и верувам дека Гостивар како општина лидер во Северна Македонија во воведување на новини ќе фати чекор со совремните текови, рече Кирнаг.
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари нагласи дека идеите што му се предложени во значајна мера се поклопуваат со плановите на локалната власт за користење на опрема која ќе придонесе за развој во таканаречен „Смарт сити“.
– Во рамки на нашите можности и планови од особен интерес ќе ни бидат информациите за практично воведување на електрични возила во одредени делови од градот, кои ќе придонесат за заштеди. Очекувам да добиеме и предлози кои понатаму би воделе кон заеднички инвестиции, рече Таравари.
Тој напомена дека во изминатиов период веќе имало слични инвестиции реализирани со сопствени средства и посочи дека општина Гостивар има капацитет за употреба на вакви иновативни технологии.
Коментарите се затворени.