Полицијата спроведува кампања за заштита од кражби
Гостивар, 21 јули 2023 (МИА) – СВР Тетово стартуваше нов превентивен проект „Превенција од тешки кражби“ која ќе трае до идниот месец. На средбите со граѓаните и советодавните групи во гостиварско, полициски службеници ќе укажуваат на поквалитетна заштита од имотните деликти – кражби, дрски кражби. Од СВР Тетово информираат дека започна практичната имплементација на проектот „Превенција од тешки кражби“, со кој вкупно се планира да бидат опфатени шеесетина советодавни групи на граѓани.
– Во рамки на овој проект кој e предвидено да трае до крајот на идниот месец, а чиј носител е Отсекот за превенција, полициските службеници на СВР Тетово непосредно ги запознаваат граѓаните – претставници на овие советодавни групи, како најефикасно да се заштитат од кражби во летниот период, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Тој напомена дека на средбите на граѓаните ќе им се посочува кога отсуствуваат подолго време од нивните домови, поради летувања, свадбени или други свечености, задолжително да ги заклучуваат вратите, да не оставаат подотворени прозорци и да не објавуваат на социјалните мрежи дека не се дома туку дека се наоѓаат во некој од туристичките центри во земјата или странство.
Во рамки на кампањата граѓаните ќе добијат и информации за начинот на пријавување на кражбите и како да постапат доколку е извршена кражба во нивните домови или деловни објекти.
згм
Коментарите се затворени.