Промовирана нова книга на Киро Кипроски „Иконата на Бистра“
Гостивар, 11 септември 2021 Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на Бигорскиот манастир, беше промовирана на монографијата „Иконата на Бистра, закрилник на православието“. Новата книга на Киро Кипроски е посветена на 25-годишнината од возобновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир и јубилејот 1.000 години од основањето на едно најзначајните светилишта во Македонија. На прогодната свечност, зборуваа промотерите уредникот на книката јеромонахот Кирил и Марјан Велески новинар и уредник во весникот Нова Македонија
Во книгата на околу 500 страници се содржани текстови и фотографии за настани и случувања поврзани со подемот на монашкото братство во Бигорскиот манастир и на сестринството во Раичкиот манастир „Св. Ѓорѓија Победоносец“. Хронолошки се забележани и враќањето на богослужбите и литургиите во црквите и манастирите, обновувањето на постојните цркви и манастири и изградба на нови црковни градби во регионот на Долна Река и Мијачијата.
Во предговорот на монографијата, митрополитот г. Тимотеј напоменува:
„Во нашата држава и пошироко не е отпечатена книга од автор хроничар, кој ги бележи буквално сите позначајни случувања и процеси од многу плодниот манастирски живот и со своето новинарско перо истите тие ги овековечува“.
Кипроски е единствениот новинар кој пристувал и го забележал замонашувањето на сегашниот игуменот на Бигорскиот манастир, Партениј. Тој во предговорот во текстот насловен „Предисловие“ забележува:
„Оваа книга, всушност, претставува своевиден современ летопис на Бигорскиот манастир за последните триесетина години, време преисполнето со настани и дејствија, дотолку повеќе што во тој период се паѓа возобновата на монашкиот живот и на Обителта воопшто.“
Писателот Александар Прокопиев во рецензијата на монографијата насловена „Исцеление на душата“ ќе потенцира:
„Авторот Кипроски имал своевидна среќа да ги бележи и пренесува искуствата од животот на манастирот во последниве неколку децении. Кипроски, со фактот што токму во овој период е сведок и запишувач и фотограф на манастирскиот живот, се соочил со клучни настани во неговиот развој.“
Монографијата е единаесетто книжевно дело на Киро Кипроски долгогодишен новинар, доајен на македонското новинарство и публицист,. Издавач е Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ – Ростуше.
Коментарите се затворени.